Нов златен медал за светскиот и европски шампион во пауер-лифтинг Бошко Стаменковски. На Отвореното меѓународно првенство – WR PowerLifting кое се одржа во Бијелина, Каменичанецот го освои првото место во дисциплината бенч-прес за натпреварувачи до 75 килограми.

Како што информираше Стаменковски на првенството учествувале натпреварувачи од шест балкански земји.

-Ова е огромен успех за мене бидејки се натпреварував со најдобрите во пауер-лифтинг од Балканот. Во однос на мојот предизвик успеав да кренам најголема тежина од сите учесници на Отвореното првенство во конкуренција од категоријата до 75 килограми. Тежината од 145 подигнати килограми е предизвик особено за натпреварувачи до 75 килограми и ете за моја среќа јас успеав да бидам најдобар и да го освојам златниот медал, истакна Стаменковски.

Овој медал ќе биде одличен мотив за Стаменковски со поголема самодоверба да настапи на Европскиот куп во пауер-лифтинг кој ќе се одржи во Ајндховен, Холандија.

Купот во Ајндховен е едно од најсилните натпреварувања во европски рамки на кое учество оваа година ќе земат 19 држави, не само од Европа, туку и од САД, Алжир, Мароко и Тунис.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/12/2018 13:24