Бројот на посетители во ноќниот клуб во италијанскиот град Кориналдо, каде во стампедо загинаа шест лица, бил над максимално дозволените, согласно пропишаните безбедносни стандарди, изјави денеска министерот за внатрешни работи Матео Салвини.

– Инспекторите веруваат дека во клубот имало повеќе луѓе од дозволеното. Неприфатливо е некој да загина на 14-годишна возраст, истакна Салвини.

Тој додаде дека планираниот митинг на неговата партија „Лига“ во Рим ќе започне со минута молчење во чест на жртвите.

Петмина тинејџери на возраст меѓу 14 и 16 години и една 39-годишна жена починаа во инцидентот.

Трагедијата се случи во 1:00 по локално време, во ноќниот клуб „Лантерна аѕура“ во гратчето Кориналдо. Околу 1.000 луѓе, повеќето од нив млади, беа во клубот поради настапот на италијанскиот рапер Сфера Ебаста.

Италијанската пожарникарска служба на Твитер објави дека причината за паника веројатно е прскање на средство за иритација. Осум лица се уапсени денеска поради сомневање дека прскале со гас-солзавец. Според истрагата, нивната цел била да ги украдат вредните работи од присутните во клубот. Истрагата испитува и дали излезот за итни случаи бил отклучен.

– Танцувавме пред почетокот на концертот, кога почувствувавме остар мирис, изјави за медиумите 16-годишен тинејџер во болница во Анкона. – Избегавме кон еден од итните излези, но беше блокиран и чуварите ни рекоа да се вратиме, вели тој.

Според сведоштвата на очевидците објавени во италијанските медиуми, толпата се упатила кон низок ѕид, од каде десетици млади луѓе паднале. Оние најдолу биле смачкани.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/12/2018 21:55