Група нуркачи влегоа во длабочините на морето во близина на градот Хатај во Турција за да привлечат внимание кон загадувањето со пластика, што сериозно се заканува на животната средина и на морски суштества во Средоземното Море, пишува Анадолија.

Камерманот сними многу интересни детали, па во морските длабочини можат да се видат разни предмети од стакло и пластични шишиња, пластични кеси, вилушки и лименки.

Махмут Игде, експерт за животна средина од турскиот Универзитет Искендерун, изјави дека ја организирале оваа кампања за да укажат на опасностите што ги создава пластичниот отпад во морињата и со надеж дека граѓаните ќе се однесуваат поодговорно и ќе ја заштитат животната средина.

Тој додаде дека редовно, веќе 15 години, нурка во водите на Средоземното Море, истакнувајќи дека зачувувањето на морскиот живот е многу важно за иднината на самите луѓе.

– Морињата се нешто што ќе го оставиме и на нашите деца, а ние мораме да дејствуваме веднаш, за морињата да ги оставиме во во здрав облик на идните генерации. Затоа, гласно порачуваме: Не на пластиката!, вели Игде.

На крајот, тој предупреди дека секоја година во морињата завршуваат тони пластика, која е фатална за животот на морските суштества, додавајќи дека пластичниот отпад негативно влијае и врз животот на луѓето.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/12/2018 01:28