Германскиот министер за надворешни работи Хеико Мас ги критикуваше земјите што изразија противење на Пактот на ОН за миграција, кој треба да биде усвоен на конференција на високо ниво во Маракеш следната недела.
Необврзувачкиот договор дава насоки за регулирање на миграцијата и за заштита на правата на мигрантите. САД и Австралија се меѓу земјите кои се против необврзувачкиот пакт, и изразија загриженост дека со тек на време би можел да стане де факто правен стандард.
Несогласувањето околу миграција ги зафати и европските влади, потсетува ДПА. Минатата недела словачкиот министер за надворешни работи Мирослав Лајчак поднесе оставка откако неговата земја го отфрли договорот.
Унгарија, Австрија, Италија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Полска и Швајцарија јавно го одбија договорот.
Во изјава за весникот „Шпигел“, Мас рече дека одлуката на секоја земја да се спротивстави на Пактот е „им помага на оние кои водат злонамерни дезинформациски кампањи против него“.
Тој додаде дека Пактот „за првпат нуди меѓународна рамка за контролирање, организирање и регулирање на миграцијата“.
Обидот на германската Влада да го промовира Пактот во земјата, исто така, наиде на потешкотии, при што Мас се соочува со обвинувања дека Владата премногу доцна ги информирала пратениците за договорот, со што е поттикната кампања против него, заклучува ДПА.