Катарскиот емир нема да учествува на Самитот на Советот за заливска соработка кој се одржува денеска во Саудиска Арабија, изјави за агенцијата Анадолија, официјален претставник на Катар.
Официјалниот претставник, кој побара да не биде именуван, рече дека Тамим бин Хамад ал Тани нема да присуствува на 39. Самит на Советот за заливска соработка во Саудиска Арабија, и оти Катар ќе го претставуваат само државните министри.
Катарската новинска агенција (QNA) објави дека официјалната покана за овој Самит била испратена до Ал Тани од саудискиот крал Селман бин Абдулазиз.
Поканата му била предадена на Султан бин Саад ал Мураихи, катарскиот државен министер за надворешни работи, информира Анадолија.
Блокот од шест држави од Арапскиот Залив богати со нафта го сочинуваат Советот за заливска соработка, а тоа се Саудиска Арабија, Кувајт, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Оман, Бахреин и Катар.
Во јуни минатата година, Саудиска Арабија, Египет, ОАЕ и Бахреин заедно ги прекинаа врските со Катар, обвинувајќи го за поддршка на тероризмот.
Овие држави предводени од Саудиска Арабија, исто така, воведоа ембарго против Катар, кој остро ги отфрли обвинувањата за поддршка на тероризмот, потсетува агенцијата Анадолија.