Иранскиот претседател Хасан Рохани изјави дека Иран сака да ги подобри односите со Турција и оти договорот меѓу Анкара и Техеран за соработка на повеќе полиња, вклучувајќи ги и банкарството и енергетиката, треба побрзо да се примени, јави агенцијата Анадолија.

На интернет страницата на иранскиот претседател е објавено соопштение за средбата на Рохани со претседателот на турскиот Парламент, Бинали Јилдирим, во рамките на Средбата на претседателите на парламентите за борбата против тероризмот и екстремизмот.

– Волјата на Иран е искрените односи со братска и пријателска Турција да се унапредуваат во секое поле, рече Рохани и даде дека „поради обидот за државен удар (во Турција), Иран зазема цврст и транспарентен став во однос на стабилноста и зајакнувањето на Турција“.

Иранскиот претседател исто така го поздрави ставот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган против санкциите на САД и конструктивниот однос кон прашањата за исламската заедница.

Истакнувајќи дека Турција, Иран и Русија донеле две одлуки на неодамнешните состаноци, Рохани нагласи дека овие одлуки имаат значителна корист во однос на финансиската соработка и регионалните прашања, пренесува Анадолија.

– Иран и Турција со години се соочуваат со тероризам. Секогаш кога се зголемува нивната соработка во борбата против тероризмот, борбата завршува со поголем успех. Двете земји во изминатите години имаат реализирано добра соработка против тероризмот во регионот, рече тој.

Претседателот на турскиот Парламент, Бинали Јилдирим, во Техеран присуствуваше на Средбата на претседателите на парламентите за борбата против тероризмот и екстремизмот. На настанот учествуваа и иранскиот претседател Хасан Рохани и претседателите на парламентите на Кина, Русија, Пакистан, Авганистан и Иран.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/12/2018 12:34