Британската премиерка Тереза Меј го откажа гласањето во Долниот дом на Парламентот во Лондон за Договорот за Брегзит, што беше предвидено за утре, јави Би-Би-Си.

Според британскиот јавен радиодифузен сервис, два извори во Владата информирале дека гласањето е откажано, но оти тоа се уште не е официјално потврдено.

Лондонскиот весник „Сандеј Тајмс“ вчера објави дека се очекува ​​Меј да го одложи утрешното гласање во Парламентот за Договорот за Брегзит и дека на почетокот од неделава ќе замине во Брисел на нови разговори,

Весникот се повикува на изјави на „министри и помошници“, според кои, Меј ќе објави дека го одлага гласањето.

Според „Сандеј Тајмс“, многумина предвидуваат дека Парламентот нема да го поддржи договорот и министрите се загрижени дека „поразот на Меј“ може да доведе до пад на Владата.

Весникот тврди дека по одлагањето на гласањето, Меј ќе замине за Брисел за да напрви последен обид да ја убеди Европската унија за подобри услови во договорот за излез на Велика Британија од ЕУ, со цел да добие поддршка од пратениците.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/12/2018 14:24