Резултатите на истражувањето во Европска унија, објавени денеска, покажуваат дека една-третина од европските Евреи во последните пет години размислувале да емигрираат, бидејќи не се чувствуваат безбедно поради растечкиот антисемитизам.

Анкетата е спроведена во 12 држави, во кои живеат 96 проценти од европските Евреи, потврди дека еврејската заедница оценува дека антисемитските коментари на политичарите, кои поминуваат неказнето, влијаат на се пораспространетите злосторства од омраза.

Резултатите од истражувањето спроведено од Агенцијата на ЕУ за основни права (ФРА) покажуваат дека Евреите најнебезбедно се чувствуваат во Франција, а потоа следат Полска, Белгија и Германија.

Девет од десет Евреи во ЕУ, кои се соочуваат со антисемитизам на интернет, на работа или преку графитите на ѕидовите покрај синагогите, изјавиле дека во изминатите пет години ситуацијата е значително влошена.

Од 16.395 анкетирани, 85 проценти истакнале дека антисемитизмот е најголем политички и општествен проблем, а речиси една-третина од испитаниците изјавиле дека избегнуваат да посетуваат еврејски настани или интернет-страници.

Но, 79 отсто од анкетираните, кои биле мета на насилство, изјавиле дека не пријавиле пред надлежните органи.

За Европскиот еврејски конгрес (ЕЈЦ) тоа е показател дека еврејската заедница изгубила доверба во европските влади и новната способност да ги заштити Евреите.

– Поради тоа Евреите се наоѓаат пред избор дали да емигрираат или да се исклучат од еврејската заедница. Тоа е неприфатлива дилема, изјави претседателот на ЕЈЦ, Моше Кантор.

Директорот на Агенцијата на ЕУ за основни права, Мајкл Офлајерти во предговорот на студијата посочува дека е невозможно таквите работи да се претворат во бројки, но оти „шокантната статистика испраќа јасна порака дека повеќе од една-третина сака да замине бидејќи не се чувствуваат безбедно како Евреи“.

Европските претставници апелираа до владите на земјите членки на ЕУ да вложат повеќе напори во борбата против антисемитизмот, а пред се во одбележување и потсетување на историјата на холокаустот, при што нацистите убија над шест милиони Евреи за време на Втората светска војна.

Потпретседателот на Европска комисија, Франс Тимерман изјави дека „не може да има Европа, ако во неа Евреите не се чувствуваат безбедно“.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/12/2018 20:18