Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск изјави дека ЕУ нема повторно да преговара за договорот за излез на Велика Британија, вклучувајќи го и контроверзниот договор за ирската граница.

Туск на Твитер напиша дека во четврток ќе свика состанок на сите земји-членки на ЕУ, со исклучок на Велика Британија, на кој ќе се разговара за британските преговори за напуштање на ЕУ.

– Нема повторно да преговараме за договорот, вклучувајќи го и „бекстоп“ (безбедносната мрежа), но подготвени сме да разговараме како да ја олесниме ратификацијата на договорот од страна на Велика Британија, додаде Туск.

– Со тек на време, исто така ќе разговараме за нашата подготвеност за сценарио без договор, истакна претседателот на Европскиот совет.

Британската премиерка Тереза Мај пред британските пратеници денеска изјави дека планира да одржи итни разговори со лидерите на ЕУ за да разговара за евентуални промени во врска со „бекстоп“.

Во центарот на спорот, во преговорите за договорот за Брегзит беше правната гаранција дека границата меѓу Северна Ирска и Република Ирска ќе остане отворена, таканаречен „бекстоп“ или безбедносна мрежа, на кој инсистираше ирскиот премиер Лео Вардакар и неговите европски сојузници, и Британија на крајот безволно и со голем отпор се согласи.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/12/2018 20:21