Шефот на француската држава по денешните консултации и по долго молчење, во обраќањето до Французите прогласи „вонредна економска и социјална состојба“ посакувајќи „Франција на заслуги и работа“ и „Франција која може да живее достојно од нејзината работа“.
Меѓу мерките што ги предложи Емануел Макрон се:
– Зголемување на минималната месечна плата за 100 евра месечно од 2019 година, „без трошоци за работодавачите“
– За прекувремена работа нема да се се плаќаат даноци или давачки од 2019 година
– Сите работодавачи што можат, да им исплатат премија на крајот на годината за вработените, која же биде ослободена од данок.
– На пензионерите кои добиваат помалку од 2.000 евра месечно ќе им биде поништено зголемувањето на дополнителните социјални давачки, кое го поднесоа годинава.
Макрон не се откажува од ослободувањето на данокот за најбогатите. Во своето обраќање тој не пропушти да каже дека постои гнев и незадоволство кај многу Французи. Оценувајќи дека тоа е оправдано, ги спомена самохраните мајки, пензионерите, работниците.
Тој уште на почетокот нагласи дека „мирот и поредокот во републиката мора да владеат“, нагласувајќи дека никое незадоволство не ги оправдува нападите врз полицајците, жандармите, продавниците или јавните згради, најавувајќи дека виновниците за ова насилство ќе бидат казнети.
Во првите реакции на „жолтите елеци“, се гледа дека тие не се целосно задоволни од гестовите на претседателот, најавувајќи дека нема да ги извадат елеците и дека ќе продолжат да бидат внимателни.