Италијанскиот министер за внатрешни работи и лидер на десничарската Лига, Матео Салвини денеска изјави дека кризата со „жолтите елеци“ покажува дека Французите сфатиле оти нивниот претседател е „лабораториски производ“, осмислен за да го одржува системот таков каков што е.

– Сега ми се чини очигледно дека Макрон е лабораториски производ осмислен да ја блокира и најмалата промена која би се појавила на видик, рече Салвини пред странски новинари во Рим.

Салвини, кој е и заменик-премиер, рече дека пред само неколку месеци Макрон бил „првак на новата Европа за целата италијанска левица“.

– Беше новиот гениј на Европа, новиот спасител на Европа… Сепак, се излажаа, рече Салвини.

Тој додаде дека одлично ги сфаќа економските, социјалните и културните мотиви кои се во основата на движењето за кое, како што рече, се надева дека ќе постигне и конкретни цели, но во исто време истакна дека го осудува секој облик на насилство.

– Кога врз безбедносните сили се фрлаат Молотови коктели, јас сум на страната на безбедносните сили, истакна Салвини.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/12/2018 00:41