Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ ќе го надмине рекордот на Роџер Федерер од 20 Гренд слем трофеи, смета неговиот поранешен тренер Радек Штепанек. Ѓоковиќ досега освои 14 Гренд слем титули, исто колку и Пит Сампрас, а пред него се само Рафаел Надал со 17 и Федерер.
– Новак може да стигне до главната цел од над 20 Гренд слем титули. Мислам дека ќе успее, изјави Чехот за „Тенис Ворлд“.
Штепанек, кој кусо време работеше со Ѓоковиќ во периодот од ноември 2017, до април 2018 година, призна дека се се променило по враќањето на тренерот Маријан Вајда. – Моето заминување, како и она на Агаси, го разбуди. Тоа мораше да се случи, но ние се уште сме пријатели. Маријан претходно беше со него 10 години и е клучен во тимот на Новак. Ѓоковиќ се уште може да направи напредок, вели поранешниот тенисер.
Токму по враќањето на Вајда, српскиот тренисер се врати во форма и го освои трофејот на „Вимблдон“ и „УС Опен“ и Мастерс турнирите во Синсинати и Шангај. – Резултатите на трева јасно покажаа дека нешто во него се променило. По победата над Нишикори во четврт финалето на „Вимблдон“, знаев дека ќе го освои турнирот. Тој е многу посилен на ментално ниво, заклучува Штепанек.