Мајката, таткото и двајцата браќа на осомничениот за вчерашниот напад во Стразбур денеска се приведени на распит во полицијата.

Француската полиција го идентификуваше осомничениот како Шериф Шекат (29), кој во вчерашниот напад изведен во близина на божикен базар уби три лица, а повреди 14.

Тајландското Министерство за надворешни работи денеска информираше дека еден од убиените е нивни државјанин, кој бил во Стразбур со сопругата.

Шериф Шекат, кој е француски државјанин и им бил познат на властите како радикален исламист. Францускиот обвинител Реми Хајц информираше дека напаѓачот бил ранет во раката при размена на оган со француски војници во центарот на Стразбур, по што украл такси возило и побегнал.

Повеќе од 600 припадници на безбедносните сили учествуваат во потрагата по осомничениот, а им помагаат и германските гранични полицајци.

Францускиот претседател Емануел Макрон свика итен состанок во претседателската палата во Париз во врска со вчерашниот напад. На состанокот на Советот за одбрана присуствуваат и високи воени функционери, членови на Влада, меѓу кои и премиерот и министрите за одбрана, надворешни работи и внатрешни работи. Тие разговараат за напредокот на истрагата, но и за други безбедносни мерки откако Владата го крена нивото на травога во целата земја и испрати дополнителни полициски сили во Стразбур во потрага по осомничениот.

Германската Влада соопшти дека ја засилила контролата на границата со Франција по синоќешниот напад во Стразбур, но смета дека е променето нивото на закана во Германија. Германското Министерство за правда соопштија дека властите немаат информации за поврзаноста меѓу осомничениот напаѓач, кој бил во германски затвор за грабеж, и исламски екстремисти.

Осомничениот бил во затвор во Германија во 2016 и 2017 година поради кражба, а подоцна, истата година бил депортиран во Франција. Портпаролката на германската криминалистичка полиција БКА соопшти дека германските власти тесно соработуваат со француските власти во потрагата по напаѓачот.

Мотивите за нападот сè уште не се познати, но Секторот на париското Обвинителство за борба против тероризмот покрена истрага за „убиство и обид за убиство во рамки на терористички акт“ и „злосторничко терористичко здружување“. Поради нападот, француската Влада го подигна нивото на безбедност во земјата на „вонредно во случај на напад“.

Генералниот секретар на Советот на Европа искажа сочуство до граѓаните на Стразбур и изрази солидарност со Франција по повод терористичкиот напад.

„Дозволете ми да ја изразам мојата целосна поддршка на француските власти, кои продолжуваат да прават сè што можат за да ги заштитат луѓето кои тука живеат, меѓународната заедница и граѓаните ширум Европа кои доаѓаат да го посетат ова историско место“, се наведува во соопштението од Канцеларијата за медиуми на Советот на Европа.

– Во моменти кога мислиме дека бројот на терористички напади се намалува, се случува вчерашниот напад, кој претставува болно предупредување дека заканата од тероризам во Европа останува акутна и оти напади можат да се случат кога било, порача Јагланд.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/12/2018 18:59