Четири првотимки на „Баскет Кам” од Македонска Каменица ќе бидат дел од репрезентативниот состав на Македонија за кошаркарки до 18 години. Ова за тренерот на екипата Горан Даниловски е огромен успех и потврда за квалитетот кој го поседуваат девојките од Македонска Каменица.

-Моника Зафировска, Сандра Раневска, Стефани Колева и Бојана Попова се кошаркарките кои во националниот дрес ќе земат учество на пријателскиот меѓународен турнир што од 19 до 21 декември 2018 ќе се одржи во Букурешт. За нас е ова огромно признание, пред се признание за кошаркарките кои од оваа година играат прволигашка кошарка и притоа се во врвот на табелата, рече Даниловски.

Ова, според него, ќе биде поттик и за останатите со уште поголемо залагање да го достигнат успехот на своите врснички.

На списокот на националниот тим се наоѓаат вкупно 16 имиња, кои ќе конкурираат за настап на турнирот. Македонија на пријателскиот турнир покрај со домаќинот Романија, ќе игра и со уште неколку други репрезентации.

Репрезентацијата ќе тренира во Скопје. Првиот тренинг е закажан за недела во 16:00 часот во спортската сала „Независна Македонија“ во ОУ „Невена Георгиева-Дуња“.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/12/2018 20:03