Помеѓу 200 и 300 мигранти, баратели на азил и внатрешно раселени лица, синоќа се обидоа да влезат во парискиот театар „Комеди-Франсез“ за да побараат од раководителот да им организира средба со министерот за внатрешни работи Кристоф Кастанер.
Како што пренесуваат француските медиуми, околу 21 часот мала група мигранти се обиделе да влезат во театарот, каде се играла претставата „Лукреција Борџија“ од Виктор Иго, но биле спречени од обезбедувањо.
Подоцна, ним им се придружиле околу 200 мигранти, претежно од Африка, и повторно се обиделе да влезат во познатиот париски театар и да ја прекинат претставата. Многу брзо дошла полицијата, пуштила солзавец и ги опколила мигрантите.
Нивната цел била да стигнат до раководителот на театарот Ерик Руф и да побараат од него да им организира средба со министерот за внатрешни работи, Кристоф Кастанер.
– Тука сум да побарам решение. Сакам документи и место каде да спијам, изјави 35-годишниот Абдулај, готвач од Мали, кој нема документи за лична идентификација. Тој пристигнал во Франција пред две години и спие на улица, под мост.