Македонските ракометни репрезентативци денеска го направија првиот собир во хотелот „Александар Палас“ со што го означија официјално почетокот на подготовките за Светското првенство, кое ќе се одржи во јануари 2019-та во Германија и Данска. Македонската репрезентација подготовките ќе ги оддржи во Скопје, а на 4 и 5 јануари ќе одигра две контролни средби против репрезентацијата на Србија.

На денешниот прв тренинг нема да присуствуваат селекторот Раул Гонзалес и неговиот асистент и Роберто Парондо, а недостасуваат и тројца репрезентативци – Филип Талески, Борко Ристовски и Филип Лазаров, кои ќе се приклучат со задоцнување.

Капитенот на репрезентација, Кирил Лазаров изјави дека Македонија се наоѓа во тешка група и дека не треба да се брза со прогнози и заклучоци.

– Се наоаѓаме во една тешка група во која има репрезентации со високи амбиции, како Хрватска, Исланд и Шпанија. Тука има две непознаници, како Јапонија и Бахреин, со кои немаме играно, но од информациите кои ги добивме станува збор за незгодни репрезентации. На почеток сме на нов циклус, една нова, подмладена репрезентација. Прерано е да се даваат заклучоци, оптимистички или неоптимистички. Мислам дека треба прво да се собереме и да почнеме со тренинзи, па после да видиме, изјави ракометарот на француски Нант.

Лазаров смета дека сите треба да бидат целосно подготвени и да го демонстрираат најквалитетното од себе на претстојниот Мундијал.

– Од искуство знам дека ако сакаме да одработиме едно Светско, на кое се промени форматот, мора добро да се подготвиме и физички и психички и технички и тактички. Немаме многу време за таа работа и затоа не смееме да се впуштаме во некои ветувања. Мора да го демонстрираме најквалитетното од нас. Како и секогаш сакам да бидам позитивен и оптимист пред секое големо натпреварување, изјави Лазаров

Македонија на Светското првенство ќе игра во група заедно со Шпанија, Хрватска, Исланд, Јапонија и Бахреин, а трите најдобри ќе продолжат во наредната рунда.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/12/2018 18:04