Шефот на групата на европските либерал-демократи (АЛДЕ) во Европскиот парламент, Ги Верхофштат, преку социјалните мрежи се закани со исклучување на романската сестринска партија, која е дел од владејачката коалиција.

Романија, која на 1 јануари го презеде претседателството со Европската унија, е мета на бројни критики во ЕУ поради низа мерки со кои се поткопува владеењето на правото во оваа земја. Во ноември Европската комисија оцени дека Романија назадува во реформите.

Верхофштат на Фејсбук и посака среќа на романската Влада во своето претседавање, но додаде дека од неа се очекува да ги исполни ветувањата во однос на владеењето на правото.

-Реформата во судството, на кривичниот законик, како и законот за невладини организации мора целосно да ги рефлектира препораките на Венецијанската Комисија и да бидат повторно оценети од ова тело пред да стапат во сила. Романските либерали ветија дека ќе тргнат по овој пат, очекуваме да го исполнат тоа без одлагање. Ако тоа го сторат ќе го задржат своето место во семејството на АЛДЕ. Ако не го сторат, тогаш нема, напиша шефот на европските либерали во ЕП.

Романската социјалдемократска Влада, во коалиција со либералите, меѓу другото, се обидува да изгласа закон за амнестија кој директно ќе го засегне претседателот на социјалистичката партија, осуден за изборни измами. Владата отстрани голем број антикорупциски обвинители, и зазема сѐ почесто антиевропски ставови. Романија би можела да биде следната земја, по Унгарија и Полска, против која Европската Комисија отвора прекршочна процедура поради нападите врз принципите на владеење на правото.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/01/2019 11:24