Беровчани последните неколку дена живеат на екстремно ниски зимски температури што се движат под минус 20 степени. Поради ова граѓаните велат дека тројно е зголемена потрошувачката на дрва.

-Ако вака потрае времето ќе продолжиме да трошиме три до четири метри кубни дрва само во јануари. Поради ниските температури, исто така, мора чешмите да ги оставиме ноќе да течат што влијае за зголемената потрошувачка. Не е лесно на овие ниски температури, но, сепак, се живее некако, вели граѓанин на Берово.

Дел од анкетираните не паметат кога последен пат Берово било со екстремно ниски температури.

-Ние, во Малешевијата сме прочуени по студеното време и ниските температури во зима. Имаше случај кога пред две години во Берово беа измерени минус 28 степени, инаку претходно во моите 64 години не паметам ваков студ. Еве сабајле еден мој пријател ми рече дека само утрово се измерени -21 степен, велат анкетираните Беровци.

Според податоците што стојат во некои архиви, најниската температура во Берово била измерена на 27 јануари 1954 година кога во Малешевијата биле измерени рекордни -31,5 целзиусови степени.

Како што информираат од беровското комунално претпријатие кај поголем дел од граѓаните е забележана појава на пукање на водомери, а што се однесува до сообраќајот, исчистени се сите патни правци до беровските села со што сообраќајот се одвива по суви коловози.

Како што информираат од „Македонија пат“ регионалниот пат Берово-Пехчево-Делчево е во релативно добра состојба, освен на одредени места каде поради појавата на голомразица возачите треба да ја прилагодат брзината на патот.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/01/2019 17:22