И покрај тоа што Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на компанијата „Резервоар минералс“, ја поништи Одлуката за распишување референдум како и резултатите од референдумот одржан на 23 април 2017 година, општина Гевгелија останува категорично да биде против отворање рудници на нејзина територија што беше потврдено и од 99 отсто од граѓаните кои ја изразија својата волја на сега поништениот референдум, соопшти денеска службата за односи со јавноста.

Општина Гевгелија претходно ја оспори и надлежноста на Уставниот суд затоа што одлуките кои ги оспорува иницијаторот се конкретни акти кои не содржат општи норми на однесување и воопшто не уредуваат односи на општ начин туку според својата форма спаѓаат во категоријата на правни акти кои имаат поединечен каратктер односно уредуваат еден единствен случај,одржувањето на референдумот на локално ниво со што нивната примена се исцрпува еднократно.

Градоначалникот Сашо Поцков вели дека Уставниот суд со донесената одлука го оспори правото на граѓаните да одлучуваат за една ваква важна тема,но и дека граѓаните,според резултатите од референдумот испратија јасна и силна порака кај локалната и централната власт што создава политичка и морална одговорност која го подига нивото на еколошка свест кај сите општествени чинители.

– Владата, Советот на општина Гевгелија и јас како градоначалник дадовме негативно мислење за отворање рудници уште пред донесувањето на одлуката од Уставниот суд. Во сите мои контакти со заинтересирани компании потенцирам дека нашиот локален економски развој се базира на принципот на одржлив економско еколошки развој при што економскиот не смее да биде на штета на еколошкиот. Веќе на сите им е јасно дека општина Гевгелија и целиот југоисток ќе продолжат да бидат зелени, еколошки и чисти региони, изјави денеска Поцков.

Оваа порака, нагласи Поцков, е наменета за сите сегашни и идни функционери кои треба да внимаваат што потпишуваат бидејќи грешките направени во 2013 се провејуваат и во 2019 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/01/2019 13:01