Eкипи на јавното претпријатие „Охридски комуналец“ од утрово работат на расчистување на тротоарите и коловозите од снегот, кој од ноќеска интензивно паѓа во охридскиот регион.

Вршителот на должноста градоначалник на oпштина Охрид Константин Георгиевски денеска одржа работен состанок со членовите на Оперативниот штаб, директорите на јавните претпријатија и претставници од Територијалната противпожарна единица со цел преземање активности и мерки за непречено движење на пешаците и одвивање на сообраќајот на територијата на oпштина Охрид во услови на снег.

Како што соопшти oпштина Охрид, расчистени се патните правци до повеќе населени места, а се работи на расчистување и на останатите.

– Општина Охрид упатува апел до сите граѓани, согласно Законот за јавна чистота, да вршат расчистување на снегот пред своите објекти и да не го фрлаат на коловозните ленти со цел непречено одвивање на сообраќајот. Со намера расчистувањето да се одвива непречено, охриѓани треба да ги отстранат своите возила од јавни површини, тротоари и улици, посочува општина Охрид.

Покрај „Охридски комуналец“, на терен се екипи и на останатите јавни претпријатија, потпомогнати со механизација и работна сила и работат на расчистување на снегот по тротоарите низ целата територија на општина Охрид. Ангажираните компании со кои е склучен договор за зимско одржување го расчистуваат снегот и ги посипуваат со ризла патните правци кои водат кон селата Куратица, Речица,Свињишта, Завој, Опеница, Косел, Вапила, Ливоишта, Вапила-Расино и Вапила-Сирула.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/01/2019 15:46