Секторот за финансии на Општина Виница успешно ја завршил наплатата на даноците за 2018 година, при што процентот на реализација е над сто отсто.

Со тоа виничката локална самоуправа е рекордер во Источниот регион според планираните и остварени приходи од општинските давачки, при што најголема наплата е регистрирана од надоместокот за уредување на градежното земјиште при легализација на бесправно изградени објекти.

– Од комуналиите за легализација на дивоградбите во 2018 година беа планирани 3,5 милиони денари, а наплатени се двеста илјади денари повеќе, односно наплатата изнесува 106 отсто. Тоа е речиси за двојно повеќе во споредба со претходниот едногодишен период, кога беа наплатени 2,3 милиони денари, истакна градоначалникот на Виница, Ивица Димитров.

Секторот за финансии на Општина Виница во текот на минатата година реализирал и висока стапка на наплата на данокот на имот, при што од физичките лица наплатени се 5,4 милиони денари, односно над 95 отсто од планирањата.

Фирмите биле поодговорни во исполнувањето на финансиските обврски кон локалната самоуправа, при што од данокот на имот наплатени се 1,6 милиони денари, додека од надоместокот за истакнување фирма реализирани се 2,3 милиони денари, со што планот е натфрлен за по 200 илјади денари.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/01/2019 18:06