Сообраќајот на магистралните и регионални патишта во источна и југоисточна Македонија се одвива во отежнати услови.
Во моментов тешко товорно возило на регионалниот пат Штип-Велес има застанато и ги отежнува условите за сообраќај. Раководителот на регионалната подружница на ЈП „Македонија пат“-Штип, Кире Коцев вели дека тешките товарно возила кои имаат летни гуми и се без зимска опрема создаваат најголеми потешкотии на патиштата.
– Уште од утринава имаме интензивни врнежи од снег во источна и југоисточна Македонија, нашите екипи постојано го чистат снегот од коловозните ленти и фрлаат сол и песок. Сообраќајот уште еднаш ќе потенцирам дека се одвива во зимски услови, нема препреки на патиштата, немаме ветар и наноси од снег на одредени патни правци, вели Коцев.
Тој додава дека изминатите денови поради постојаните интервенции на патиштата во двата региони пунктовите, коишто на број се вкупно шест ги намалуваат и залихите со сол и песок. Затоа е и потребно под итно да се изврши набавка на материјал, којшто ќе послужи за нареден снежен бран. Коцев вели дека во моментов не се знае колку материјал е фрлен за проодноста на патиштата, а во текот на утрешниот ден ќе информира колку вкупно е потрошен ваков материјал и колку им се залихите за да ги одржуваат патните правци низ источна и југоисточна Македонија.
Портпаролот на СВР-Штип, Гордана Панајотова информира дека до сега имаат пријавено една сообраќајна несреќа на патот Штип-Кочани во близина на селото Облешево, во која што учесници се тешко товарно возило и автомобил, со полесни повреди се здобила жена, којашто била во автомобилот. Други пријави засега немаат за сообраќајни несреќи или попречување на патните правци на подрачјето на СВР-Штип.