Општина Гази Баба и Агенцијата за млади и спорт денеска го одбележаа почетокот на градежните активности за поставување на ново осветлување на спортското игралиште „Фортуна“ кое беше сосема уништено во поплавата која ја погоди општината во 2016 година.
Со цел обезбедување на соодветни услови за спортување и во вечерните часови, на теренот ќе бидат поставени 24 рефлектори, распоредени на 6 столбови со височина од 18 метри.
Како што информираше градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски, со новото осветлување ќе се постигне и значителна заштеда на електрична енергија. Новото осветлување се очекува да биде завршено на пролет.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски нагласи дека неговите очекување се спортскиот терен „Фортуна“ да биде расадник на голем број идни спортисти кои гордо ќе ја претставуваат општина Гази Баба.
Георгиевски исто така најави и поставување на вештачка трева на голем број спортски игралишта, изградба на нови спортски терени, како и изградба на затворен базен.