Снежната покривка во Охрид е 33 сантиметри, а околу 35 сантиметри е и во Струга, информира раководителот на Центарот за управување со кризи – Охрид, Митко Темелковски.

Во изјава за МИА, тој посочи дека целосно е третирана локалната патна мрежа на територија на општина Охрид и немаат дојава од граѓани за непроодни патишта или други проблеми. Во Струшко пак, завеани се населените места во регионот на Малесија, кои се скоро без жители.

-Патниот правец до селата Присовјани, кое е дел од областа Малесија е прооден и во текот на денот повторно ќе се врши негово третирање. Другите локални патни правци до високопланинските места се проодни во лоши зимски услови и со теренски возила, истакна Темелковски.

Согласно оперативниот план на општината се постапува и во Дебарца, каде во моментот се работи на расчистување на патот до трите највисоки ридско-планиснки села Црвена Вода, Турија и Мрамор.

Екипите на Центарот за управување со кризи – Охрид, според раководителот, се подготвени да одговорат на потребите доколку има барање од општините.

-Во овој момент локалните самоуправи целосно ја исполнуваат својата задача и немаат побарано помош од републичките сили. Доколку има потреба најпрво ќе интервенира Дирекцијата за заштита и спасување, а во премногу серизона состојба и ЦУК, рече Темелковски.

Во охридско – струшкиот регион снегот непрекинато паѓа веќе втор ден, а сообраќајот се одвива во отежнати зимски услови.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/01/2019 11:55