Засега нема отсечени и непристапни населени места иако снегот што постојано паѓа и ниските температури може да влијаат на негативна промена во овој правец.

Според информациите од раководителот на тетовската подружница на Македонија пат Дејан Јовановски нивните екипи, механизација и други средства заедно со ангажираната механизација од приватници постојано се на терен и ги одржуваат проодни патиштата во нивна надлежност – делот од автопатот Скопје – Тетово – Гостивар што минува низ тетовско, патот Тетово – зимскиот центар Попова Шапка и регионалниот пат Тетово – граничен премин Јажинце.

-Од среда од 6 часот нашите екипи се на терен и ги чистат и песочат сообраќајниците но поради интезитетот на врнежите од снег и ниските темератури и откако ќе поминат возилата снегот останува на коловозот. Останува забраната за движење на тешки камиони и автобуси кон Попова Шапка додека за возилата што се движат во тој правец задолжителна е зимска опрема. Досега сме фрлиле над 250 тони сол и околу 300 кубни метри ризла но повторно многу ниските температури го оневозможуваат целосното дејство така што снегот се задржува по патиштата. Нашите екипи заедно со дополнителната механизација од ангажираните приватниц ќе продолжат со своите активности и понатаму изјави Јовановски.

Според информациите од терен и останатите патни правци во тетовско кон Пирок, Волковија и Јегуновце се проодни но во зимски услови поради што неопходно е внимателно возење.

Од општина Тетово информираа дека снегот и ниските температури влијаат врз нормалното одвивање на сообраќајот низ градот и особено кон и од планинските села но оти сите патишта во моментов се проодни и сообраќајот се реализира во зимски услови.

– Возилата и машините за чистење на патиштата од снег продолжуваат со работа при што покрај физичкото чистење патишта се третираат со песок и сол. Со зголемен интензитет се работи и на правците кои водат до планинските села каде всушност има и најмногу снег. Во градот според оперативниот план прво се исчистени улиците во централниот дел и булеварите а потоа и улиците кои водат до населбите во градот. Бидејќи снежните врнежи се очекува да продолжат деновиве нашите екипи ќе продолжат со извршување на работните задачи. Патиштата се чистат и се трудиме да држиме чекор со обилните врнежи од снег и затоа и апел до граѓаните за максимална соработка за навремено дислоцирање на возилата по тротоарите за непречена работа на дежурните екипи задолжени за чистење на снегот, стои во соопштението од службата за односи со јавност на општина Тетово.

Од СВР Тетово информираа дека во изминатите два дена биле подигнати 30 погрешно паркирани возила претежно во централното градско подрачје како дел од засилени активности за отстранување на погрешно паркираните возила кои според оценката на надлежните не само што го попречуваат нормалното и безбедно движење на другите учесници во сообраќајот туку и во значителна мерка го отежнуваат чистењето на снегот од улиците и тротоарите.

Од полицијата посочија дека на сопствениците на подигнатите возила им биле изготвени мандатни платни налози при што глобата за ваквите прекршоци се движи од 45 до 180 евра во денарска противвредност а прекршителите можат да впишат и 25 односно 40 негативни бодови.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/01/2019 11:56