Потрошувачката на вода во Крива Паланка е зголемена за дваесет отсто во периодот на поларни температури, кои деновиве во текот на ноќта се спуштија и до 15 степени под нулата, информираат од Секторот водовод и канализација при ЈП „Комуналец“ Крива Паланка. Раководителката на секторот, Валентина Велеска вели дека зголемената потрошувачка се надоместува со дотур на дополнителни количини вода во резервоарите.

– Праксата на граѓаните да ги оставаат отворени вентилите на чешмите во домаќинствата поради превенција од замрзнување на водата е честа во зимскиот период, а токму тоа е причина за зголемениот процент на потрошена вода периодов, особено од почетокот на годината, со падот на температурата. Сепак, ние како претпријатие обезбедуваме доволно количество вода во системот, редовно, секојдневно се врши контрола на резервоарите, се надополнува вода и се дистрибуира до сите реони од градот, така што водоснабдувањето се одвива непречено, рече Велеска.

Поради екстремно ниските температури замрзнување на водоводни цевки има на повеќе места во градот, каде што се плитки линиите.

– Замрзнување на главната мрежа нема. Се јави на повеќе места кај плитките линии на одредени места во приватни домови, а има и дојави од граѓаните за пукнати стакла на водомери што не биле соодветно заштитени, но тоа не е ретка појава. Случаите се во рамки на очекуваното, а се дефекти кои тековно се отстрануваат во најкраток можен рок, додаде Велеска.

Таа апелира граѓаните кои не ги заштитиле водомерите да го сторат тоа, а доколку се пушта вода на чешмите да се има предвид тоа да се прави рационално.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/01/2019 16:53