Екипите за зимско одржување на локалните патишта и улици во општина Ресен се на терен и работат на расчистување на снегот на сите сообраќајници во градот и локалните патишта до населените места.
Снежната покривка во Преспанскиот регион достигнува и над 50 сантиметри.
Градоначалникот на Општина Ресен Живко Гошаревски информира дека четири тима интензивно работат на расчистување на локалните патишта до сите населени места и на улиците во градот. Еден од тимовите, додаде, во моментот работи на пробивање на патот до селата Лева Река и Кривени. Очекува до крајот на денот и овој патен правец да е прилагоден за движење на возила.
– Сите патишта на територијата на општина Ресен се проодни, а денес се прават напори за нивно целосно дорасчистување и целосно ставање во функција. Сообраќајот на целата територија на општина Ресен се одвива отежнато поради зимските услови. Апел до сите учесници во сообраќајот за внимателно движење и прилагодување на брзината согласно временските услови, изјави Гошаревски за МИА.
Посочи дека Коориднативното тело за зимско одржување на улиците и патиштата во општината донело одлука за вклучување дополнителна механизација за побрзо чистење на снегот од коловозите и тротоарите.
Во моментов е вклучена и дополнителна механизација за расчистување на патиштата и активно се работи во селата: Болно, Евла, Златари, Горно Дупени, Езерани, Дрмени, Лавци, Перово, Прељубје, Покрвеник, Стење, Курбиново, Сливница и Рајца, како и на поголемиот дел улици во градското подрачје. До крајот на денот ќе бидат расчистени патиштата и до останатите населени места, изјави Гошаревски.