Во општина Прилеп проодни се сите патишта, а снежната покривка се чисти постојано, информираат прилепските локални власти.
Екипите на фирмите што го добија тендерот за зимското одржување на улиците и патиштата во општината се мобилни и постојано се на теренот.
Според Благоја Богоески од прилепската локална самоуправа, се чистат улиците во сите делови од градот.
-Интензивно се работи на чистење на снегот кој постојано паѓа. Ризла и сол се користи толку колку што треба, а во чистењето учествуваат фирмите „Елмонт" и подизведувачите „Изофас" и „Пела-транс", изјави Богоески.
Филип Иваноски од приелепската градежна фирма „Изофас" апелира до граѓаните да не ги оставаат возилата на коловозите за да може непречено да се чистат.
-Се чистат улиците не само во градот, туку и во приградските населби како и во населените места. Сите улици се проодни, согласно со приоритетите и оперативната програма на општина Прилеп. Денеска се интервенираше на патните правци кон селата Селце, Ореовец, Крстец, Тополчани, Канатларци, Ерековци, Чепигово и Клепач. Апелирам до граѓаните своите возила да не ги оставаат на коловозите за да може машините непречено да работат, рече Иваноски.
Со почетокот на непрекинатите снежни врнежи во Прилеп, поточно изминатите два дена, „Изофас" интервенираше со 300 кубни метри ризла и 100 тони сол. На теренот работат екипите на претпријатието со пет возила во три смени.
Прилепската локална самоуправа апелира до граѓаните да не исфрлаат снег на веќе исчистени улици.