Врнежите од снег кои непрестајно паѓаа повеќе од дваесет и четири часа во Ранковце од вчера попладне формираа снежна покривка од триесетина сантиметри во пониските делови на општината, додека во планинските места има снег и до седумдесет сантиметри.
Градоначалникот на општината, Ивица Тошевски, рече дека сите локални асфалтни патишта се проодни, само оти дел од патот до селото Герман не е пробиен.
– Снегот паѓаше од вчера, во сите села е формирана покривка од дваесет до триесет сантиметри, што прави сообраќајот да се одвива отежнато,по коловози со кои снег, но сите локални патни правци се проодни. Единствено се отсечени патиштата до селата Баратлија и Криви Камен, каде станува збор за неасфалтирани улици, но таму живеат помалку жители, додека отсечени се жителите од селото Герман, каде е регионален пат кој го одржуваат екипи на Јавното претпријатие државни патишта. Тие успеаја да го пробијат до месноста после П’клиште, кај влезот на Герман, маала Орашац. Висината на снежната покривка во Герман и планинскиот дел од општината е од 40 до 60 сантиметри, а во Герман има наноси и до 70 сантиметри, изјави Тошевски.
Во селото Герман живеат околу двесте и педесет жители.
Тошевски рече дека во повеќе наврати во изминатите дваесет и четири часа направени се обиди патот да биде пробиен, помагале и жители од месното население, но останува во текот на вечерта и утре да се работи на расчистување на регионалниот пат Ранковце село Герман.
-Прооден е и новиот патен правец Ранковце, маала Бабунци- Ветуница- село Крилатица, Кратовско, кој исто така го одржуваа ЈП Државни патишта. За зимско одржување во нашата општина е задолжено претпријатието “Борос” од Куманово, а возилата утре изутрина ќе ги расчистат асфалтните патишта во: Отошница, Радибуш, Опила, Одрено, Псача, Петралица, се до манастирот, Милутинци, додаде Тошевски.