Лидерот на светската АТП листа, Новак Ѓоковиќ ја прокоментира информацијата дека Енди Мареј е пред повлекување од професионалниот тенис, а овогодинешниот „Вимблдон“ најверојатно ќе биде последниот негов турнир.

Триесет и едногодишниот Мареј објави на прес-конференција денеска дека неговите проблеми со колкот продолжуваат и болката која ја чувствува го натерала да ја земе најтешката одлука да ја прекине кариерата во блиска иднина. Мареј сепак нема да се откажува од учество на Австралија Опен, каде во првиот круг ќе игра со Шпанецот Роберто Баутиста Агут.

– Искрено, ова е прилично голем шок за мене, бидејќи ние сме иста генерација, иста возраст. Многу е тажно да се види низ што минува … како некој, кој имал таква сериозна повреда, како повредата во мојот лакт. Дефинитивно сочувствувам со него и разбирам низ што минува. Пред некој ден тренирав со него и разговаравме малку. Тој е голем шампион, мој пријател, со кого пораснав. Доволно е тажно да се знае дека ова може да биде неговиот последен Австралија Опен, но му посакувам се најдобро, рече Ѓоковиќ, коментирајќи ја веста за Енди Мареј денес.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/01/2019 16:47