Oдговорните од Полициската станица од општа надлежност Крива Паланка апелираат граѓаните да ги отстранат возилата од сообраќајниците за да може непречено да се одвива расчистувањето на снегот од улиците.
Оттаму посочуваат дека службата задолжена за зимско одржување во општината, екипите на Јавното претпријатие Комуналец, Крива Паланка во повеќе наврати во текот на вчерашниот ден се обратиле за асистирање и поддршка од сообраќајната полиција заради отстранување на возилата кои биле паркирани покрај сообраќајниците на делови од коловозот, поради што во повеќе населени места не можеле да ја реализираат активноста за расчистување на снегот.
Командирот на ПС од ОН Крива Паланка,Дејан Маринковски, апелира граѓаните да најдат начин во овој период на обилни врнежи и екстремно ниски температури своите автомобили да ги паркираат на локации каде нема да попречуваат нормално чистење и прописно одржување на зимската служба.
И раководителот на зимската служба во ЈП Комуналец истакна дека особено проблематично било во населбите Домачки и Трештен Дол и на ул.8 Октомври, каде имале потешкотии за расчистување поради големиот број возила паркирани на сообраќајниците, поради што морале да бараат помош од сообраќајната полиција, да им укаже на граѓаните за отстранување на возилата.
Висината на снежната покривка во Крива Паланка изнесува околу десетина сантиметри,а на повисоките места и до педесетина.