Се реконструира ОУ „Васил Главинов“ во Чаир кое е едно од најстарите основни училишта во Скопје. Во реконструкција на трите блока на училиштето и на внатрешна санација на електричната инсталација се вложени над 14 милиони денари.

– Откако ќе завршат градежните работи во овие трите блока, ќе продолжиме со јавна набавка и за последниот блок Г и целосна реконструкција на спортската сала на ова училиште. МОН обезбеди средства во рамки на проектната единица и за покривот на училиштето, со инвестиција од над 10 милиони денари. Максимално сме посветени да ја подобриме инфраструктурата, не само во општина Чаир, туку и на национално ниво каде што има потреба – изјави ресорниот министер Арбер Адеми, при посетата на училишниот објект.

Тој е оптимист дека ќе има добра реализација на капиталните инвестиции и во 2019 година, како што беа во втората половина од 2018.

Настава во ОУ „Васил Главинов“ следат околу 900 ученици од различни етнички заедници. Објектот е од пред земјотресот. Најстариот дел е изграден во далечната 1956 година, а два блока се доизградени во 1968 година. Градежните работи во првата фаза се очекува да траат до април, а дотогаш наставата нема да биде во прекин. Директорот Ќамуран Кучи рече дека за настава привремено ќе се користат и четири училници во вечерното училиште „Макаренко“.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/01/2019 17:40