Оппштина Кочани доби 1,96 милиони денари за реконструкција на полскиот пат во месноста Кривулица, во атарот на селото Тркање. Средствата се одобрени од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и се наменети за руралната инфраструктура, односно за подобрување на пристапот до обработливи земјоделски површини во подрачја во кои има интензивна земјоделска дејност.

– Патот е долг 1.200, а широк 3,5 метри и во моментот е во многу лоша состојба. За земјоделците, чии парцели гравитираат во овој крај, тоа е единствен полски пат, но поради состојбата во која се наоѓа им создава проблеми за да ги обработуваат и да го соберат родот. Затоа беше ставен на листата на приоритетни полски патишта и се очекува уште оваа пролет да биде завршен и предаден во употреба, информираа од Секторот за урбанизам на Општина Кочани.

Полскиот пат во Кривулица води од излезот на Тркање кон селото Облешево и поминува низ оризови ниви до катастарската граница со општина Чешиново-Облешево.

Одобрените средства се наменети за чистење, пoрамнување и тампонирање на полскиот пат со што ќе се надминат проблемите што ги имаат земјоделците од двете соседни општини.

Подобрувањето на руралната инфраструктура во Кривулица е дел од проект на Центарот за развој на Источниот плански регион, аплициран до Министерството за земјоделство.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/01/2019 17:57