Проектот „Панел2050 – партнерство за ново енергетско лидерство 2050“ и Центарот за развој на Североисточниот плански регион, денеска, во Куманово, ја организираа седмата работилница, на која беше претставена „Енергетската мапа 2050 на СИПР“ и акциските планови што произлегуваат од мапата.
Мапата и плановите што ја следат ќе се развиваат по текот на останатите партнери од Естонија, Австрија, Чешка, Полска и државите што ги споделуваат своите искуства со земјите од Југоисточна Европа.
Јане Вртески од „Balkan Development Solutions BDS Ltd“ што го имплементира проектот во Македонија, истакна дека северноисточниот регион е единствен во делот на енергетската транзиција на земји од Југоисточна Европа.
-Североисточниот регион е единствен што е надвор од ЕУ, а членува во активностите на овој проект, во најголем дел како набљудувач на активностите и дел како примател на обуките што се одвиваат во рамките на овој проект. Досега се одржаа низа активности во изминатиот период од две и пол години колку што трае овој проект. Беа одржани конференции, тренинг кампови надвор од земјата. Ова е седма работилница на која дискутираме за завршните елементи на енергетската мапа за транзиција, изјави Вртески.
На конференцијата за енергетска ефикасност што ќе се одржи во Естонија кон крајот на јануари ќе бидат презентирани резултати од проектот, а ќе присуствуваат високи претставници на ЕУ и на естонската Влада.
-Делегација од СИПР ќе присуствува на оваа конференција и ќе имаат можност со партнери од различните европски држави и региони да разменат искуства, да направат контакти и во секој случај да ги прошират своите знаења во оваа област, додаде Вртески.
Проектот „Панел 2050“ е поддржан од „Хоризонт 2020“ програмата на ЕУ и се имплементира заедно со уште десет земји, членки на Европската Унија.