Олимписката шампионка Микаела Шифрин (САД) го освои велеслаломот во зимскиот центар Кронплац, Италија. Американката водеше убедливо по првата трка и без никакви проблеми стигна до успехот со вкупно време од 2: 04.75 минути. На тој начин Шифрин ја забележа десеттата победа за сезоната, со што се доближи до рекордот 14 победи во една кампањата, кој го држи швајцарската легенда Френи Шнајдер од сезоната 1988/89. Ова е 53. победа во кариерата на Шифрин за Светскиот куп.
Американката ја запиша својата прва победа во Кронплац откако не успеа да стигне до подиумот во првите два настапи во овој зимски центар. Во 2017 година, Шифрин беше петта, а минатата година отпадна во првиот круг.
Втора, на 1,21 секунди заостанување, беше светската шампионка во велеслалом Теса Ворли (Франција). Претставничката на домаќините, Марта Басино, го освои третото место (+1.57 секунди) и го забележа првиот подиум во својата кариера. Словачката Петра Влхова, која беше трета по првата трка, остана на четвртото место, 2.06 секунди зад победничката.
Во генералниот пласман, Шифрин има огромно водство на врвот од 1.394 поени по 19-те старта сезонава. Втора е Вухова (Словачка) со 898, а трета – Венди Холдер (Швајцарија) со 593 поени. Во пласманот за малиот Кристален глобус во велеслалом, Шифрин има 355 поени, пред Теса Ворли со 345 и Федерика Брињоне (Италија) со 310 поени.
Конечен пласман во велеслалом за жени, Кронплац: 1. Микаела Шифрин (САД) – 2:04.75 минути (1:01.95 минути во првата трка и 1:02.80 минути во втората) 2. Теса Ворли (Франција) – 2:05.96 (1:03.34 и 1:02.62) 3. Марта Басино (Италија) – 2:06.32 (1:03.42 и 1:02.90) 4. Петра Влхова (Словачка) – 2:06.81 (1:03.37 и 1:03.44) 5. Викторија Ребензбург (Германија) – 2:07.06 (1:03.65 и 1:03.41) 6. Федерика Брињоне (Италија) – 2:07.11 (1:03.56 и 1:03.55).