Во македонскиот спорт ретко кој може да се пофали со кариера каква што ја има Кире Ричлиев. Со одбојката е повеќе од 40 години, од кои две и пол децении е тренер на тимот на Струмица, а останатите 15 години беше активен играч, па дури и во некогашната прва југословенска одбојкарска лига. Зад себе, 52-годишниот Ричлиев има вкупно 11 титули со екипата на Струмица со пет куп и шест првенствени титули, освоени како играч и тренер од осамостојувањето на Македонија, како и над 30 титули во пионерска, младинска и кадетска конкуренција.
Докажаниот творец на одбојкарски имиња е посебно горд на „своите деца“, кои го бранат репрезентативниот дрес и го изборија најголемиот успех на македонската одбојка со учество на претстојното европско одбојкарско првенство, кое ќе се одржи во септември годинава во Словенија, Белгија, Франција и Холандија.
Браќата Никола и Ѓорѓи Ѓоргиеви, Александар Лафтов, Владо Милев, Филип Маџунков, Славе Наков, Васе Михаилов, Марјан Урдов, Стојан Илиев и Ристо Николов се актуелни и повремени репрезентативци, кои го понесоа најголемиот товар од квалификациите за ЕП.
Македонската репрезентација првиот официјален натпревар го одигра 1994 година против Австрија и по скоро 25 години го испиша големиот историски успех.
Оваа генерација, која го оствари сонот на голем број македонски одбојкари да учествуваат на едно големо натпреварување, ме прави посебно горд. За мене, но и за сите струмичани, за време на одржувањето на Европското првенство ќе се слушне дека овие „деца“ потекнуваат од Струмица и се дел од нашата позната одбојкарска школа, вели скромниот Кире Ричлиев. Додава дека за да се создаде квалитетен репрезентативец се потребни од 6 до 8 години.
Се надевам дека овој голем успех ќе придонесе за поголема анимација на одбојката и да привлечеме што поголем број на деца во салите, но и да влезат добри спонзори. Младински школи имаат скоро сите клубови, но ние имавме среќа оваа генерација да биде „висока“ и технички добро подготвена. Одбојката е олимписки спорт и треба да се направи соодветна селекција. Мене ми се потребни минимум од 6 до 8 години за да почне одбојкарот да чука на вратите на репрезентацијата. Клубот треба постојано да вложува, а корист од тоа покрај одбојкарите секако има и репрезентацијата. Ричлиев Одбојка почнал да игра во 1978 година заедно со брат му Васе во ОК „Струмица“, првиот македонски одбојкарски шампион и поранешен член на елитното југословенско одбојарско друштво. По завршувањето на Факултетот за физичка култура, покрај активното играње, почнува со работа со најмладите категории одбојкари во Струмица, а еден период имаше и сопствена одбојкарска школа.
Тајните на одбојката ги пренесе на многу генерации. Од школата на Ричлиев излегоа многу поранешни и сегашни репрезентативци и интернационалци. Како и сега, и порано во македонската одбојкарска репрезентација настапуваа десет негови одбојкари.
Неколку години беше тренер на репрезентацијата и му беше прв соработник на селекторот Јошко Миленковски, како и селектор на младинската репрезентација.
Досега само на два пати, на кус период, заминувал од Струмица-еднаш како тренер на Косово и вториот пат во Италија.
Двете деца на Кире Ричлиев, синот Александар и ќерката Софија продолжија по неговите стапки. Синот ги брани боите на ОК „Струмица Џио“, а ќерката настапува во клуб во Полска.
Ристо Тасев