Промените во правилата за аеродинамиката, кои наметнуваат ново предно крило за 2019 година, го чинеа Ред Бул 15 милиони евра. Ова го изјави тимскиот советник, д-р Хелмут Марко, но додаде дека инвестицијата вреди, бидејќи перформансите се подобриле.
Кога измените на правилата беа објавени, тимот за енергетски пијалаци се спротивстави поради две причини: недостаток на веродостојни податоци и прекумерни финансиски трошоци.
Марко за „Моторспорт“ изјави дека тимот веќе постигнал добро ниво со новото крило, но тие станале посиромашни за 15 милиони.
– Ги постигнавме истите аеродинамични податоци, какви што имавме минатото лето. До првиот старт во Мелбурн се надевам дека ќе бидеме уште подобри. Веќе има добра основа за дискусија меѓу Мерцедес, Ферари и нас. Се согласуваме дека правилата не треба да се пишуваат од инженери. Штом интервенираат технички лица, трошоците веднаш се зголемуваат, и сè станува многу комплицирано. Работите треба да се јасни, вели Марко.
Австриецот, исто така, рече дека сегашните промени главно се должат на Мерцедес.
– Секој гледа колку му е тешко на Мерцедес да престигнуваат, кога се наоѓаат зад други болиди, додаде советникот на „биковите“.