Светскиот рекет бр.1, Новак Ѓоковиќ (Србија)по победата во полуфиналето против Лука Пуј (Франција) и пласман во големото финале, каде ќе се сретне со Рафаел Надал, изјави дека за вакви натпревари се живее идека Шпанецот е негов најголем ривал.

Надал и Ѓоковиќ ќе се судрат еден против друг по 53 пат, а Србинот има мала предност – 27 победи наспротив 25 за Шпанецот. Тие се состанаа седум пати во финалето на Гренд слем турнир.

– Надал е мојот најголем ривал во кариерата, на сите површини. Некои наши натпревари беа многу важни во мојата кариера, ме натераа да размислам двапати за мојата игра. Имав разочарувачки моменти кога ќе изгубев. Мислам дека девет пати бев поразен на Гренд-слем турнирите, и во полуфинале, и во финале. Но, имав неколку големи победи, изјави Ѓоковиќ, пренесува сајтот на Австралија опен.

Српскиот тенисер признава дека ова ривалство го обликувало него како играч.

– Ваквите дуели, со вакви играчи, ме направија играчот што сум денес. Без сомнение. Ова се натпревари за кои се живее – финале против најголемиот ривал кој е во најдобра форма. Што повеќе да побарате? Ова е местото каде што сакате да бидете, изјави Ѓоковиќ.

За двјцата тенисери, финалето во Мелбурн е голем подвиг. Новак Ѓоковиќ имаше хируршка интервенција на лактот во февруари минатата година, додека Надал го оперираше рачниот зглоб во ноември.

Надал нема играно натпревар од „Ју Ес Опен“, а во Мелбурн до финалето дојде без изгубен сет. Ѓоковиќ го освои „Вимблдон“ и „Ју Ес Опен“, и токму од Надал го презеде првото место на ранг-листата на АТП.

Мотивација нема да недостасува ниту од едната, ниту од другата страна на мрежата.

– Пишувањето на историјата на овој спорт, само по себе е привилегија и чест. Тоа е голема мотивација. Во исто време, на другата страна на мрежата е Надал. Ако не сте мотивирани, тогаш нешто не е во ред, објасни светскиот рекет број еден.

Финалето на АО 2019 на програма е во недела наутро по македонско време.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/01/2019 17:01