Кошаркарската федерација на Македонија и гевгелиските прволигаши „Кожуф“ и „Блокотехна“, денеска потпишаа договор, од 15 до 17 февруари, Гевгелија да биде домаќин и организатор на натпреварите од домашниот кошаркарки куп, што ќе се одржи под покровителство на општина Гевгелија.

Договорот, во присуство на градоначалникот Сашо Поцков, го потпишаа спортскиот директор на КФМ, Владимир Темелковски и спортските директори на „Кожуф“ и „Блокотехна“, Драган Ристов и Георги Гетов.

Темелковски ја истакна радоста што куп-натпреварите ќе се организираат токму во Гевгелија, градот кој има два прволигаши и кој се покажа како одличен организатор на натпреварот меѓу репрезентациите на Македонија и Косово.

Градоначалникот Поцков изрази задоволство и чест што Гевгелија ќе биде домаќин на осумте, во моментот, најдобри кошаркарски екипи во Македонија и вети полна сала и добра атмосфера, бидејќи гевгеличани, како што истакна, ја сакаат кошарката.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/01/2019 17:31