Кошаркарите на Њу Орлеанс Пеликанс го изненадија Хјустон со победа од 121:116 минатата ноќ во НБА лигата.
И покрај отсуството на Ентони Дејвис и драмата што се појави поради неговото јавно откритие за намерата да го напушти тимот, „пеликаните“ триумфираа над еден од најдобрите тимови на Западот.
Тие беа предводени од Џалил Окафор со 27 поени и 12 скока, 19 додаде Дру Холидеј заедно со 8 асистенции, додека Иан Кларк постигна 15 поени.
На „ракетите“ не помогна ниту новиот силен натпревар на Џејмс Харден кој постигна 37 поени (11/32 од игра, 6/18 тројка) со 11 скока, 6 асистенции и 4 украдени топки. Кенет Фарид се обиде да му помогне со 19 поени и 11 скока, додека Ерик Гордон додаде 17.
Што се однесува до „брадата“, во 24-та последователна средба тој постигнува минимум 30 поени, а јануари го завршува со неверојатни бројки. Тие се слични на тоа што НБА лигата за последен пат го виде во 1963 година, за време на „владеењето“ на Вилт Чембрлен, кој го заврши првиот месец од таа година со просек од 45,8 поени. Јануарскиот просек на Харден беше 43,6 (со 8,7 скока и 7,6 асистенции).
Исто така, во четиринаесетте мечеви што ги одигра во јануари, Харден учествуваше со 610 поени. Последниот кој го дал 600 поени за еден месец беше Мајкл Џордан во 1987 година.
Резултати од НБА:
Кливленд – Вашингтон 116: 113 Детроит – Милвоки 105: 115 Орландо-Оклахома Сити 117: 126 Бруклин – Чикаго 122: 117 Хјустон – Њу Орлеанс 116: 121 Сан Антонио-Феникс 126: 124 Лос Анџелес Лејкерс – Филаделфија 105: 121.