Американката Микаела Шифрин и Словачката Петра Влхова го поделија првото место во велеслалом од Светскиот куп во ски-алпски дисциплини во словенечкиот зимски центар Марибор. Двете завршија со исто време – 2:31,31 минути.

Шифрин беше прва по првиот спуст и го освои четвртото место во вториот, а Влхова заврши на второто место во првиот круг и го освои вториот и покрај слабата видливост.

За 23-годишната Шифрин победата е 55-та во кариерата за Светскиот куп, 12-та сезонава и трета во велеслалом, а за Влхова – осма во кариерата.

Со успехот, Шифрин го израмни американскиот рекорд кај жените од девет победи во велеслалом , поставен од Тамара МекКини во 80-тите. Трета со заостанување од 93 стотинки беше Рангхилт Мовинкел (Норвешка).

Претставничката на домаќините и специјалистка во брзите дисциплини, Илка Штухец ја израдува домашната публика со своето учество, кое е прво за неа во велеслалом за последните речиси две години. Словенката, која е светски шампион во спуст за 2017 година, заврши на 20-тото место.

Олимписката шампионка во дисциплината, Микаела Шифрин води убедливо во генералниот поредок за Светскиот куп по 25 трки со 1.594 поени, пред Петра Влхова со 998 поени и Венди Холденер (Швајцарија) со 687 поени.

Во пласманот за малиот Кристален глобус во велеслалом, по шест трки на чело е Шифрин со 455 поени, пред Теса Ворли (Франција) со 374 и Петра Влхова со 318 поени.

Конечен пласман во велеслалом за дами во Малбор:

1. Микаела Шифрин (САД) – 2:31.31 минути (1:14.28 минути во првиот спуст и 1:17.03 минути по вториот круг) Петра Влхова (Словачка) – 2:31.31 (1:14.76 и 1:16.55) 3. Рагнхилд Мовинкел (Норвешка) – 2:32.24 (1:15.48 и 1:16.76) 4. Венди Холдер (Швајцарија) – 2:32.60 (1:15.89 и 1:16.71) 5. Сара Хектор (Шведска) – 2:32.81 (1:15.37 и 1:17.44) 6. Фрида Хансдотер (Шведска) – 2:32.97 (1:15.74 и 1:17.23).



Автор: Администратор
Објавено на: 01/02/2019 15:59