Американските статистичари синоќа наидоа на изненадувачки факт. Финалето на сезоната во НФЛ лигата, „Супер Боул“, кое се одигра вчеравечер, собра помалку гледачи на стадионот „Мерцедес-бенз“ во Атланта од завршната средба на МЛС лигата.
Американскиот фудбал се смета за најпопуларен спорт во САД. Од сите професионални лиги во колективните спортови, европскиот фудбал (во САД го нарекуваат „сокер“) е со најнизок интерес од страна на гледачите во земјата.
Големото шоу меѓу Њу Ингланд Петриотс и Лос Анџелес Рамс (13:3) ноќеска собра на трибините 70.081 гледачи. Само пред два месеци (9-ти декември 2018 година) истиот стадион беше домаќин на финалната средба на МЛС во која Атланта Јунајтед го победи Портланд Тимберс со 2:0 пред 73.019 гледачи.
Сепак се проценува дека генерално, НФЛ финалето е попопуларен настан, откако преносот бил следен од околу 100 милиони гледачи од САД и низ целиот свет.