Шампионот во Формула 1 кај конструкторите, Мерцедес официјално го претстави автомобилот на патеката „Силверстоун“ за новата сезона во најпрестижните автомобилски трка.

Актуелниот светски шампион, Луис Хамилтон пак изјави дека е подготвен за уште посилна кампања. Клупскиот колега на Британецот во тимот на „сребрените стрели“, Валтери Ботас ги направи првите загревачки круга, додека петкратниот светски шампион ќе вози попладне.

– Си дадов одмор од спортот за некое време по завршувањето на минатата сезона. 2018-та беше одлична година, но чувствувам дека 2019 може да биде уште подобра. Сакам да постигнам уште многу успеси, да продолжам да бидам на високо ниво. Се чувствувам енергичен и подготвен за напад, изјави при претставувањето светскиот шампион.

Британецот освои 11 трки минатата година, откако стана третиот пилот во историјата со најмалку пет светски титули, а неговото сегашно достигнување од 73 победи во Формула 1 го доближи на 18 од рекордот на сите времиња на Михаел Шумахер од 91 освоени трки.

Хамилтон исто така освои 51 од 100 Гран При натпреварувања во ерата на „В6 Турбо“, која започна во 2014 и четири од последните пет изданија на Формула 1.

– Се започнува со презентирањето на автомобилот за новата сезона, загревачките кругови, тоа дека повторно си во автомобилот – толку познато чувство, вели светскиот шампион.

Техничкиот директор на Мерцедес, Џејмс Алисон, изјави дека за време на паузата пред почетокот на новата сезона се работело врз аеродинамиката на болидот, за да се обезбеди најдобриот можен автомобил кој ќе остане конкурентен на секоја патека од календарот.

– Компонентите кои му пречеа на автомобилот во 2018, беа извадени еден по еден и беа испратени за дополнителна анализа, за да се симне дополнително тежина од нив. Генерално, секој еден од овие успеси во последните пет години додава дополнителни килограми, инвестирани назад во болидот во аеродинамика и во сила, кои помагаат за силното претставување на болидот”, прецизира Алисон.

Од Мерцедес споделија дека направиле промени во системот за ладење на моторот со цел возилото да биде поефикасно и исто така да донесе бенефиции во аеродинамиката.

Новата сезона на Формула 1 започнува на 17-ти март во Австралија.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/02/2019 16:35