Седум дисциплини ќе вклучува програмата на светското првенство во ски-алпски дисциплини во Кортина Д’Ампецо (Италија) во 2021 година, објавија од Меѓународната скијачка федерација (ФИС).

Пред неколку месеци Извршниот одбор на ФИС предложи на Советот да ја замени алпската комбинација со индивидуален паралелен слалом во програмата на светските првенства, Светскиот куп и Зимските олимписки игри.

По долги дебати денес на Конгресот на ФИС во Оре (Шведска) беше одлучено да биде додаден паралелен слалом во програмата на следното светско првенство, но и да се задржи алпската комбинација.

Првично имаше стравувања дека алпската комбинација ќе отпадне од програмата на големите првенства, но од ФИС најавија дека ја анализираат „статистиката во медиумите и гледачите“, кои ги посетуваат двата настани, за да одлучи за нивното учество во иднина.

Така во Кортина ќе бидеме сведоци на историско Светско првенство со вкупно седум дисциплини – слалом, велеслалом, супер-џи, спуст, алпска комбинација, паралелен слалом и тимско натпреварување.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/02/2019 18:10