Македонската кошаркарска репрезентација се наоѓа во Плоешти каде против Романија денеска попладне ќе го одиграат последниот натпревар во рамки на претквалификациите за Евробаскет 2021.
Во Романија денеска пристигнаа и селекторот Јорданчо Давитков, кој мораше ден порано да замине од Скопје во Кувајт поради клупски обврски, како и Ричард Хендрикс кој поради невреме во САД го пропушти летот предвиден за да стигне во Скопје.
– Одиме на победа, а не да го браниме резултатот од Скопје, бидејќи резултат тешко се брани. Ќе се обидеме да одиграме најдобро што можеме и да победиме. Доволно добро го знаеме составот на Романија и мислам дека нема многу простор за изненадување. Важно е играчите да се одморени и да бидат сконцентрирани, секој на својата улога вечерва. Тренинзите и тука и во Скопје повеќе беа тактички, а не кондициони. Се надевам дека ќе успееме сите да го надминеме уморот од патувањата и дека ќе успееме да дојдеме до победа. Стајиќ и Магдевски со помошта од Караџовски ќе ја преземат одговорноста на позицијата еден на која долги години беше Костоски. Тој одлучи дека не може повеќе да игра од свои лични причини кои јас ги почитувам бидејќи секогаш одговарал на мојот повик за настап за репрезентација, изјави Давитков за веб-страницата на МКФ.
На Македонија и одговара и пораз, но не поголем од 14 поени разлика. Натпреварот почнува во 17 часот.