Седумкратниот шампион Роџер Федерер (Швајцарија) започна со победа на турнирот во Дубаи со награден фонд од 2.7 милиони долари. Федерер, кој е втор носител на турнирот, го победи Филип Колшрајбер (Германија) со 6:4, 3:6, 6:1 за 96 минути игра.

Швајцарецот го започна дуелот со брејк што беше доволно за да го освои првиот сет. Во вториот дел Германецот поведе со 5:2 и по 6:3 го израмни резултатот. Во третиот сет, Федерер доминираше целосно, направи два брејка и без никакви проблеми го затвори мечот.

Во вториот круг Швајцарецот, кој ја освои последната титула во Дубаи во 2015 година, ќе игра против Шпанецот Фернандо Вердаско, кој го елиминира квалификантот Томас Фабиано (Италија) со 3:6, 6:3, 6:2 за речиси два часа игра.

Бранителот на титулата, Роберто Баутиста-Агут (Шпанија) исто го започна со победа учеството на турнирот, откако го совлада учесникот со „вајлд карта“ Рамкумар Раманатан (Индија) со 6:4, 6:3.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/02/2019 20:04