Втората недела од предсезонските тестови во Формула 1 почна со најдобро време за Мекларен и мали проблеми за Мерцедес и Ферари.

Во утринската сесија, Џовинаци со Алфа Ромео заврши пред Гасли со Ред Бул, но попладнето дебитантот Ландо Норис се искачи на чело на табелата. Неговото време било забележано со најмеките гуми „Ц5“, додека вториот Гасли користел „Ц3′. Времето на Мекларен беше четвртото најдобро од почетокот на тестовите во Барселона, што би требало да го охрабри тимот од Вокинг.

Топ 3 денеска ги оформи Ленс Строл со Рејсинг Поинт, кои конечно покажаа нешто добро. Се разбира, брзите времиња не се приоритет во програмата за зимските тестови, а најдебатирана тема беа проблемите, кои се појавија кај лидерите Мерцедес и Ферари.

Во утринските часови, Леклер успеа да направи само 29 кругови поради проблеми со системот за ладење. Во попладневните часови дојде редот на Фетел, кој немаше проблеми, па четирикратниот светски шампион направи вкупно 78 круга.

Кај Мерцедес беше спротивното – наутро, Хамилтон направи стабилна сесија со многу поминати километри, но попладнето Ботас помина многу време во гаражата. Гласините велат дека тимот избрал да тестира пакет, планиран за Мелбурн.

Фернандо Алонсо се појави на патеката и беше сведок на тоа како младата надеж на Мекларен извозе најбрз круг.

Денот беше добар и за Вилијамс – Џорџ Расел успеа да комплетира 115 круга, додека минатата недела тимот направи само 88.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/02/2019 01:57