Никола Јокиќ е неприкосновен лидер на Денвер оваа сезона, а неговото име се почесто се споменува во дискусиите за наградата за „Најкорисен играч“, но во оваа фаза тој останува скромен и реално настроен. Синоќа токму српскиот маестро беше во основата на победата над Оклахома Сити, во која Јокиќ нанижа 36 поени за 35 минути и остана на скок од „трипл-дабл“.
– Искрено, сметам дека овие коментари се смешни. Мислам дека има подобар играч од мене, кој ќе ја добие наградата МВП. Јас само се обидувам да играм добра тимска кошарка, искрен беше 24-годишниот кошаркар, кој стигнува до 10 или повеќе асистенции во еден натпревар по дваесетти пат во сезоната. На тој начин, Никола стана едвај вториот играч во историјата кој е висок 213 сантиметри или повеќе и прави нешто слично. Првиот е Вилт Чембрлен.
Просечните индикатори на Јокиќ во 59 натпревари досега во сезоната се 20.7 поени, 10.7 скока, 7.7 асистенции и 1.4 украдени топки за 31.5 минути поминати на теренот.