Фановите, соиграчите и дури сопственикот на Далас Маверикс, Марк Кјубан се убедени дека еден од симболите на клубот Дирк Новицки ќе ја заврши кариерата на крајот на сезоната. Но, очигледно Германецот, кој по неколку месеци ќе наполни 41 година, нема таква намера.
Тој ја започна кампањата повреден и затоа сите очекуваа неговото тело да не го издржи оптоварувањето на НБА за уште една сезона. Но Новицки се чувствува подобро, па дури и ова може да го натера да ги одложи неговите планови и да им помогне на младите момчиња во тимот.
– Чувствувам дека се уште имам сила во себе. Веќе ги немам овие болки од почетокот на сезоната, се чувствувам се подобро и се посилно. Мислам дека можам да помогнам на младите момчиња покрај мене. Во почетокот на сезоната само сакав да играм, и сега сум убеден дека можам да помогнам со многу, вели Дирк.
Германецот одигра 21-сезона во НБА, откако постави рекорд за најмногу кампањи со дресот на ист тим, бидејќи сите негови се со Маверикс. Ако остане на теренот следната година, тој ќе го сруши рекордот за најмногу сезони како кошаркар во Лигата.
Без разлика што ќе одлучи, тешкото крило смета дека иднината на Далас е светла.
– Се уште не сум размислувал за крајот на својата кариера. Ќе бидам среќен да сум меѓу младите момчиња уште една година, но сето тоа зависи од моето тело. Имав проблеми оваа сезона, но сега ги надминав и се чувствувам посилен од било кога. Мислам дека ќе почекам уште малку со одлуката за кариерата, но во секој случај, иднината на Далас е светла. Ако Лука Дончиќ и Кристапс Порзингис продолжат да се заедно и останат здрави, ќе помогнат многу. Би сакал да сум меѓу нив и да им помагам на некој начин, рече уште Дирк.