Италијанецот Доминик Парис ја освои супер-џи трката од Светскиот куп во ски-алпски дисциплини во норвешкиот зимски центар Квитфел и запиша втор успех, откако вчера триумфираше во спуст. Светскиот шампион во дисциплината заврши за 1:29,20 минути и ја забележа петтата победа за сезоната и 14-та во кариерата.

Втор со заостанување од 43 стотинки од секундата се рангира Кетил Јансруд (Норвешка), а Швајцарецот Беат Фојц остана трет со заостаток од 60 стотинки. Олимпискиот шампион во супер-џи од Пјонгчанг 2018, Матијас Мајер (Австрија) заврши на 12-то место со 1:30.67 минута.

По успехот денес, Доминик Парис излезе на чело на табелата за малиот кристален глобус во супер-џи со 330 поени. Втор е Винсент Крихмаер (Австрија) со 286 поени, а трет е Александар Аамод Килде (Норвешка) со 267 поени. Крихемајер денеска остана четврти со заостанување од 82 стотинки.

Последната супер-џи трка сезонава е во Солдеу (Андора) на 14 март. Ако Крихмаер победи, Парис ќе има потреба од место во топ 3, за да го освои трофејот.

Во генералниот пласман за Светскиот куп сезонава, Марсел Хиршер останува лидер со 1.408 поени, следен од Пинтуро со 918 поени и Хенрик Кристоферсен со 808 поени.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/03/2019 14:36